Таравари поништи одлука за поскапи лекови, реакција од ВМРО ДПМНЕ

Аптека

ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение реагираше на изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари дека поништил одлука за зголемување на доплатата на лековите.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека министерот за здравство Арбен Таравари со поништувањето на одлуката за зголемување на доплатата на лековите спречил многу нови лекови (генерики) да се најдат на примарната позитивна листа, како и дека покажува непознавање на областа за референтните цени на лековите од позитивната листа - за примарна и болничка здравствена заштита.

ВМРО ДПМНЕ наведува дека министерот искажал невистини дека оваа одлука била чувана во министертвото година дена, и додава дека Управниот одбор на Фондот ја донел одлуката на 26 мај 2017 година.

Претходно Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција рече дека поништил одлука донесена на 26 мај од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за изменување и дополнување на одлука за утврдување референтни цени на лекови кои се на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Тој појасни дека станува збор за одлука со која од утре би се зголемила доплатата на лековите која би ја платиле граѓаните.

Министерот нагласи дека еден ден пред примопредавањето поранешниот министер ја потпишал таа одлука, која е излезена во Службен весник на 9 јуни и од утре пациентите ќе требало да ги платат лековите поскапо. Додаде дека веднаш ќе преземат мерки.