Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков дојде на распит во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителство досега има отворено три истраги против Мијалков.
Тој е осомничен во случајот „Таргет“ за масовно незаконско прислушување на граѓани, политичари, новинари и бизнисмени во УБК, како и во случаите “Трезор“, и „Тортура“.
Поранешниот директор на УБК во СЈО пристигна заедно со адвокатот Љупчо Шврговски.
На прес-конференцијата за „Трезор“ минатата година, СЈО соопшти дека е покрената истрага против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра.