Од Народна банка на Македонија констатираат стагниција на економската активност и велат дека има ризик за проекцијата за раст од 2,5 отсто во 2017. На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ е посочено дека извозниот сектор и личната потрошувачка и понатаму имаат раст, а дополнително во овој квартал позитивен импулс врз економијата имале и инвестициите. Сепак, се додава во соопштението, во услови на посилни увозни притисоци, вкупната економска активност стагнирала, наспроти очекувањата за раст на економијата во овој период.
Во однос на надворешниот сектор, податоците за девизните резерви за април и мај покажуваат пад во однос на крајот на првиот квартал, но девизните резерви се движат во сигурната зона. Од аспект на банкарскиот систем, првичните податоци за мај 2017 година покажуваат месечно намалување на депозитната база, петти месец последователно.
На седницата било заклучено дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат дека засега постојната монетарна поставеност е соодветна.