Премиерот Зоран Заев по денешната средба во Брисел со еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан изјави дека Владата има намера да ја придвижи Македонија на патот кон ЕУ со цел целосна нејзина интеграција во европскиот блок, согласно чекорите кои претстојат преку вклучување на сите чинители кои може да помогнат во процесот.
Хан изјави дека за Македонија е важно сега да се посвети на итните реформски приоритети со што ќе покаже одржлив напредок во процесот. Според него, потребно е и да се најде решение за името со Грција за кое, како што рече, сега има взаемно разбирање и мора да се најде начин како да се оствари напредок по прашањето.
„Мора да се најде заедничко решение. Ако се влага со отворен ум и ако има волја тогаш може да се постигне и да се најде решение за секое прашање“, порача Хан.
Тој изрази уверување дека сега има нов моментум и дека може да се искористи ситуацијата за да се постигне компромис. Заев порача дека повеќе ќе се занимаваат со европската иднина на Македонија, отколку со минатото. Грција, како што истакна, може да биде голем пријател кој ќе застане зад Македонија во интерграцијата во ЕУ.
„Можеме од Грција во најмала рака да очекуваме поголем позитивен амбиент во разговорите за ова чувствително прашање. На Македонија и треба поддршка од соседите и посебно од Грција и ние ќе водиме грижа земјата да ни помогне во инетграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Заев.
На прашањето дали Македонија може да влезе во ЕУ под привремената референца, Хан договори дека во услови на отворање на преговори или поглавја со некоја земја, одлуката мора да биде донесена едногласно од сите земји членки и затоа мора да се најде решение за спорот со името.