Анѓушев: Потребни се реформи во енергетиката

Архивка фотогарфија.Рударско-енергетскиот комбинат Битола (РЕК Битола)

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев изјави дека Владата ќе го вложи сиот потенцијал и капацитет за спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор, како еден важен чекор кон доближување до преговорите за членство во Европската Унија.

Тој ова го истакнал во обраќањето на неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и трговија којшто се одржа во австриски Дурштајн, на иницијатива на еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.

Главна тема на состанокот биле измената и дополната на Договорот за Енергетска заедница, во чие креирање Македонија активно учествува.

Анѓушев посочил дека енергетската заедница е во право кога вели дека Македонија е една од земјите, којашто има најмногу неусогласености на домашното законодавство со Договорот за енергетска заедница, додавајќи дека токму поради тоа и ја оценува нашата земја како последна во регионот во однос на спроведување на реформи во енергетскиот сектор.

"Неколку години реформите во енергетиката се замрзнати, нашата работа ја започнуваме како последни во регионот, но верувам дека тоа ќе го смениме и ќе го фатиме чекорот со другите земји од Западен Балкан." посочил Анѓушев.

Тој најавил дека Владата интензивно ќе работи на нов закон за енергетика во кој би биле имплементирани одредби за третиот пакет на либерализација на пазарот за гас и електрична енергија.