Отпуштениот директор на ФБИ, Коми, сведочи во Конгресот

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, почна да сведочи пред Комитетот за разузнавање на Сенатот.

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, почна да сведочи на јавната расправа пред американските законодавци. Тие ги испитуваат наводите за руско мешање во кампањата за претседателските избори во 2016 година, како и тоа дали има знаци на заговор од страна на сојузниците на претседателот Доналд Трамп.

Коми денеска се појави пред Комитетот за разузнавање на Сенатот. Неговото сведочење доаѓа еден ден откако тој во писмена изјава сведочеше дека Трамп, кој го отпушти на 9 мај, му вршел притисок да се откаже од истрагата на ФБИ на советникот за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин, за неговите врски со руските власти. Коми денешното сведочење го почна со читање на писменото соопштение. Флин беше отпуштен на 13 февруари откако во медиумите се појавија извештаи дека пред инаугурацијата на Трамп тој разговарал со рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Кисљак.

Во писменото сведоштво, Коми исто така, наведе дека Трамп барал лојалност од него, за време на приватна вечера во Белата куќа одржана на 27 јануари.

Адвокатот на Трамп, Марк Касовиц. вчера коментирајќи ја писмената изјава на Коми рече дека Трамп не е под истрага на ФБИ.