„Новата Влада во буџетот затекна 6 милиони евра, наместо 130 колку што изјави поранешниот премиер Груевски“. Со ваков наслов оди Утрински во електронското издание, пренесувајќи ги зборовите на новиот премиер Зоран Заев од интервјуто за МРТ. Весникот ја пренесува и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ искажана во соопштение: „Заев лаже и манипулира“, тврди партијата, а во соопштението се демантира дека некој од таа партија во преговорите со СДС“, како се вели, „побарал каква било амнестија“. Дневник, од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто го вади тврдењето: „Лагите за буџетот го загрозуваат кредитниот рејтинг на Македонија“.
Слободен печат насловува: „Поранешни функционери со фактура плаќале лососи, ракчиња, бифтеци, алкохол, цигари – Гнетеле 24/7 на државна сметка!“ – ги објавува весникот информациите на новинарската мрежа БИРН, која се повикува на фактури и сметки добиени преку Законот за слободен пристап до информации. Слободен печат наведува дека еден од нив бил поранешниот заменик министер за информатичко општество, Тимчо Муцунски.
Утрински информира и дека „Македонија е со најниска просечна плата од бившите ЈУ земји – Словенците просечно заработуваат 1.030 евра, а на дното на листата е Македонија со просечна плата од 370 евра месечно“, пишува весникот.
За интервјуто на премиерот Заев за МРТ, Вечер објавува мислења на експерти под заеднички наслов: „Дефиниција за слаб премиер, коментираат експертите“. И: „Заев конфузен и за надворешната политика, бранењето на македонскиот идентитет за него е провокација“.
Утрински информира дека „Ципрас и Заев разговарале за европската перспектива на Македонија и за спорот за името“, додавајќи дека Ципрас му се јавил на Заев да му го честита изборот за премиер. Дневник пишува: „Кабинетот на Ципрас го потврди телефонскиот разговор – грчкиот премиер му честитал на Заев и го потсетил на ’црвените линии‘“.
Истиот весник ја најавува и посетата на Прибе: „Прибе повторно ќе ја скенира Македонија заедно со експертски тим на ЕУ“, а Нова Македонија наслови: „Хан го праќа Прибе да ѝ помага на новата Влада“.
По објавувањето на извештајот на УНЕСКО за степенот на зачуваност на деловите прогласени за светско наследство во Охрид, истиот весник насловува: „УНЕСКО бара напуштање на идејата за изградба на ски-центар на Галичица“, а Утрински ја пренесува информацијата на невладините екологисти „Фронт 21/42“: „Состојбата на Охрид е оценета како поранлива, а како главна причина за можната деградација се предвидените инфраструктурни проекти“.