Премиерот Зоран Заев во интервју на МТВ со уредници на медиуми синоќа изрази надеж дека Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името. Членството во Алијансата, вели Заев, е можно ако Грција го ослободи ветото. „Има два начина: решение на проблемот или под привремената референца да влеземе во НАТО, а да ги продолжиме преговорите со Грција за проблемот што го има со нашетот уставно име заради наше интегрирање и во ЕУ“, рече Заев, кој најави дека ќе побара помош и поддршка за членство на Македонија во НАТО од Грција, Бугарија и од Албанија како членка на Алијансата, како и од други земји. „Немам проблем да ги замолам грчките граѓани да имаат разбирање за потребата Македонија да стане членка на НАТО затоа што секогаш имам разбирање и за нивните права или интереси кои ги крепат нивните позиции дека можат уште 35 пати да не блокираат во процесот знаејќи дека ние сме со комплетни аспирации за полноправно членство во НАТО и ЕУ“, рече македонскиот премиер.