Читајќи ги коментарите и постовите на ФБ страницата на РСЕ човек може само да се чуди колку нашиот народ не се ослободил од политиката, а богами, којзнае дали некогаш и ќе се ослободи. Оние илјадници граѓани, млади и повозрасни, што се радуваа синоќа по улиците и на плоштадот во Скопје, а веројатно и во другите градови во земјава, ја немаа таа мака. Беа едно.
За разлика од оние што своето мислење го искажале на нашата Фејсбук страница. Предраг Савов, на пример, постирал: „Вардар и Македонија вечни и неуништиви, нека пукнат соросоидите и душманите“. Раде Алексов смета дека сме биле „диктаторско радио“ и дека не ни прилегало што сме правеле директен пренос од скопскиот плоштад, зашто тој знае дека ни најмалку не сме се радувале на Вардаровата победа. Со ист тон е и коментарот на Благој Ефтимов: „Постот ви е залутан, да не сакавте да прославите за двојазичноста во Македонија“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Има и позитивни реакции, од луѓе кои не го мешаат спортот со политика. Емре Елмази вели: „Да сакаме, секогаш можеме да бидеме први во сè“, Силвана Тилева напишала: „Толку многу граѓани и граѓанки собрани заедно – прославуваат спортска победа на својата земја...Ова е убава слика! Ова е убав народ! Ова е како треба да изгледа Македонија!“, а Раде Сања се радува исто така: „Конечно за добро се собра народ!“ Седат Ферати во својот пост извикува: „Браво, на крај се слави во Македонија!“, исто како и Нермин Вели: „Да се множат успеси, дај Боже, и во другите спортови, за убаво да се сплотуваат младите“.
И пак остар премин кон политика – По информацијата дека Обвинителството бара притвор за дедото на Тамара која почина чекајќи средства за лекување во странство од министерството за здравство и тогашниот министер Тодоров, Омар Абу Албани напишал: „Обвинителството зошто не го бараше за тоа Тодоров кога остави да умре Тамара за 30 илјади евра?“ а Хусаметин Сулејман постирал: „Толку луѓе претепавте во Парламентот, ништо не се презеде...“ Коментари за и против СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, едни напаѓаат, други бранат, а во постот на Александра Сандрица е кажано сè: „Засрамете се што злоупотребувате смрт на едно дете за политички реваншизам!!!“