Новата реформска Влада на Република Македонија е сериозно подготвена и цврсто решена нашата земја да стане дел од евроатлантските интеграции, а тоа е шанса не само за Македонија, туку и за регионот, како и за процесот на пристапување, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на состанокот на лидерите од Процесот „Брдо Бриони“.
Димитров рече дека јакнењето на институциите, владеењето на правото, промоцијата на култура на дијалог и компромисот се нашите аргументи за забрзана евроатлантска интеграција.
Според него, независните и силни институции се стожерот на стабилноста на државите. ЕУ, пак, треба да остане искрена и директна при евалуирањето на реформските и демократските процеси.
Делегацијата на Република Македонија на настанот ја предводеше претседателот Ѓорге Иванов, а покрај претседателите и министрите на надворешни работи на државите учеснички во Процесот, учествуваа и високи претставници на држави членки на ЕУ. Овогодишен специјален гостин на состанокот беше германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер.