Макрон ги обвини „РТ“ и „Спутник“ за ширење лажни вести

Рускиот претседател Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон на средба во Версајскиот дворец во Париз. 29.05.2017

Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвини руските државни медиуми „Раша Тудеј“ (РТ) и „Спутник“ за ширење „лажни вести“ и „пропаганда“ против него за време на претседателските избори во мај. Зборувајќи на денешната заедничка прес-конференција со рускиот претседател Владимир Путин, Макрон рече дека медиумите биле „органи на влијание и пропаганда“ и оти се однесувале како структури на власта.

Ова е прва средба меѓу нив по победата на Макрон на 7 мај против неговиот ривал – десничарката Марин Ле Пен. Во пресрет на вториот круг на изборите, тимот на Макрон обвини за наводно руско хакирање и обиди за дезинформирање со цел попречување на неговата кампања.

Путин денеска негираше дека Москва се мешала во француските претседателски избори. Тој рече дека средбата со Ле Пен во Москва, која се одржа во март, Кремљ не се обидувал да влијае на гласањето.