Беса одлучи да не учествува во новата влада

Архивска фотографија-раководството на Беса

Беса ја информира јавноста дека таа нема да биде дел од идната влада, рече попладнево по седниците на централното претседателство и централниот совет претседателот на Беса Биљал Касами.

“Мандатарот за формирање влада не беше подготвен да ги прифати принципите за заедничко владеење со Беса и за истите да потпише заеднички договор” рече Касами.

Тој додаде дека Беса ќе продолжи да биде конструктивен фактор останувајќи, како што рече, заштитник на Албанците, но и на граѓанските интереси во државата.

“Без оглед на тоа што останува опозициска партија таа ќе ја поддржи секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи” рече Касами.

На прашањето дали ќе гласаат за новата влада, Касами одговори “како што тргнале со вакви предлози од ДУИ, не знам какви ќе бидат другите тешко”.

Тие бараа во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство има подигнато обвиненија, рокови до кои би се отвориле некои теми или, пак, би се донесле некои закони, како на пример за јазиците, балансирано владеење и отворање на темата за редефинирање на државата.

Претходно од СДСМ преку соопштение информираа дека во преговорите со партијата Беса покрај тоа што се согласиле дека ја споделуваат определбата за итни реформи за демократски и европски развој на Македонија, за одреден дел прашања не постигнале договор.

“Оставаме отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што престојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја” пишува во соопштението.