Нема договор со Беса, можен е предлог за влада вечерва

Архивска фотографија-претседателот на СДСМ Зоран Заев

СДСМ вечер по седницата на Централниот одбор на партијата се очекува да ја објави предлог листата за состав на новата влада. Ова го најави претседателот на СДСМ Зоран Заев кој денеска пред седиштето на партијата за медиумите потврди дека имаат седница и побара простор за допрецизирање во договорите.

“СДСМ во 19 часот закажа седница на Централниот одбор, кој беше избран вчера. Се надевам дека ќе донесеме најпаметни одлуки коишто може да бидат најдобро решение за граѓаните. По Централниот одбор, како најголема партија, бидејќи завршија разговорите со коалиционите партнери наши внатре кои ги имаме во големата коалиција од 17 партии, тоа значи објавување на предлог листа и доставување до Собранието за целиот владин кабинет и за новата програма на новата владa” рече Заев.

Тој додаде дека ако се е во ред, бидејќи треба да одлучат органите и телата на партијата, можно е листата и програмата да бидат објавени вечерва.

Беса, која има пет пратеници денеска попладне треба да ја соопшти нивната одлука дали ќе учествуваат во новата влада. Седница на партиското раководство, според најавите требаше да почне воц13 часот.

Од СДСМ преку писмено соопштение веќе информираа дека нема договор со нив. Во преговорите со партијата БЕСА покрај тоа што се согласивме дека ја споделуваме определбата за итни реформи за демократски и европски развој на Македонија, за одреден дел прашања не постигнавме договор, информираат од СДСМ.

“Оставаме отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што престојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја” пишува во соопштението.

Пред вечерашниот централен одбор на партијата, според извори од СДСМ, во нивното седиште би требало да пристигне лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој доцна синоќа, по седницата на нивното партиско претседателство ги објави предлозите на ДУИ за министри во владата. Тие ги предложија Хазби Лика за вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Билен Салиу да води со ресорот правда, Садула Дураку за министер за екологија, Куштрим Бектеши за местото министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.