Денеска на состаноци на централното претседателство, па на централниот совет, Беса ќе одлучува дали ќе влезе во новата влада. Попладнево, како што најавуваат од партијата, се очекува да ја соопштат својата одлука.
Доцна синоќа ДУИ ги објави своите предлози за министри кои би биле дел од новата влада. Тие ги предложија Хазби Лика за вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Билен Салиу да води со ресорот правда, Садула Дураку за министер за екологија, Куштрим Бектеши за местото министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети по завршувањето на состанокот во Мала Речица рече дека е задоволен со предлозите за новите министри.
„Имаме четиригодишен мандат и планираме да го истераме докрај“, рече Ахмети.
По денешната одлука на Беса состојбите во врска со новата влада ќе станат појасни. Беса претходно испрати пет принципити до СДСМ без чие прифаќање, како што рекоа, немало да бидат дел од владата. Бараат во власта да нема луѓе за кои Специјалното јавно обвинителство има подигнато обвиненија, рокови до кои би се отвориле некои теми или, пак, би се донесле некои закони, како на пример за јазиците, балансирано владеење и отворање на темата за редефинирање на државата.