Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска рече дека на конгресот на СДСМ гледал стари лица што ги изгубиле изборите во 2014 и 2016 година и на некој начин, како што рече, успеале да дојдат на власт, давајќи сериозни и крупни ветувања поради што луѓето со право имале очекувања. Тој ова го изјави во Велес, при пуштањето во употреба на германска инвестиција, додека во скопскиот хотел Александар Палас се уште е во тек конгресот на СДСМ.
„Ги гледам горе доле истите луѓе коишто ги препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации, обвинувања на противникот наместо фокус и концентрација на нови проекти и на нешто што ќе го подобри животот на народот. Се фокусираат на опонентите за да ги оцрнат и да фрлат лаги и невистини врз нив”, рече Груевски.
Тој ги обвини СДСМ дека секогаш кога доаѓале на власт ветувале реформи и сами се нарекувале реформска влада, но дека тие не се сеќавале наниту една реформа од СДСМ.
„Секогаш со фанфари доаѓаат во владата и кажуваат какви се не реформи ќе направат, каков живот ќе донесат, како ќе биде подобро”, рече Груевски и побара од граѓаните да се потсетeле какви и кои реформи биле направени кога владеел СДСМ.