СЈО соопшти денеска дека биле поднесени барања до судот за обезбедување на имот поврзан со предметите „Триста“ и „Талир“. Во врска со предметот „Триста“, како што наведуваат, е поднесен предлог за определување привремена мерка за обезбедување на имотноправно барање и тоа: забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на осомничениот. Во предлогот до Судот наведено е точно за кој и каков имот се работи. Во врска со предметот „Талир“, според СЈО, поднесено е ново барање до судот за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување и оптоварување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело, при што во предвид се земени укажувањата на Судот искажани во одлуките со кои беа одбиени првичните барања за обезбедување на имот.
Истрагата за Талир се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, како и за нелегалната изградба на партиското седиште во која осомничен е лидерот на партијата Никола Груевски.
Помошник министер во министерството за внатрешни работи е осомничен во истрагата Триста за злоупотреба на службената должност и со јавна набавка за купопродажба и сервисирање на 300 возила го оштетил државниот буџет за 453 илјади евра, бидејќи не ја одбрал економски најповолната понуда.