Народна банка на Република Македонија во априлската проекција прогнозира раст од 2,5 проценти на македонската економија за годинава, а 3,2 насто во 2018 година, информира денеска на прес-конференција гувернерот на НБРМ Димитар Богов. НБРМ има непроменети очекувања за нивото на инфлацијата споредено со октомври и очекува забрзување на растот на цените, односно инфлација од 1,3 проценти годинава и 2 процента догодина.Банкарскиот систем, според НБРМ, е и натаму стабилен, ликвиден и високо капитализиран.
Клучни претпоставки на априлските проекции се задржување на здравите фундаменти на домашната економија, продолжените негативни ефекти од политичката криза врз однесувањето и довербата на потрошувачите и инвеститорите, како и претпоставката за постепено решавање на кризата во текот на годинава, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти до крајот на годината, појасни Богов.