Обиди за оживување на преговорите за Кипар

Архивска фотографија - Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и специјалниот претставник на ОН за Кипар, Еспен Барт Ајде на разговори во Женева.

Специјалниот претставник на ОН за Кипар, Еспен Барт Ајде денеска изјави дека се обидува да ги убеди лидерите на турската и грчката заедница на островот да одржат завршна средба до крајот на неделава, со цел да се постигне договор за повторно обединување на Кипар.

По одделните средби со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и со лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, тој истакна дека постојат „реални несогласувања“, кои треба да бидат решени, пред да се склучи договорот. Посредникот на ОН не потврди за какви несогласувања станува збор.

Преговорите за обединување на Кипар се во застој, бидејќи и двете страни се обидуваат да наметнат свои услови за евентуална нова средба во Женева.