Трговскиот центар Арндејл во британскиот град Манчестер денеска е евакуиран, пренесува новинската агенција Ројтерс цитирајќи ја полицијата како вели дека се справува со инцидент којшто се случил во трговскиот центар, а очевидци изјавиле дека слушнале „силен тресок.“ Ројтерс подоцна извести дека трговскиот центар повторно е отворен.
Новинската агенција Асошиејтед прес извести дека еден човек бил уапсен.
Извештаите доаѓаат еден ден откако осомничен бомбаш самоубиец изврши напад на концертна сала во северниот англиски град Манчестер убивајќи најмалку 22 лица вклучително деца и повредувајќи десетици други.
Ројтерс пренесува изјави од очевидци како велат дека некои луѓе бегаат од големиот шопинг центар, а оти други го напуштиле одејќи.
Во меѓувреме, британската полиција соопшти дека уапсила 23-годишен човек поврзан со нападот на концертот во Манчестер.
Претходно, британската премиерка Тереза Меј изјави оти „нема сомнение“ дека експлозијата на концертот во Манчестер ноќта на 22 мај е „груб терористички напад“ и дека полицијата го утврдила идентитетот на напаѓачот.
„Сега знаеме дека еден терорист активирал импровизирана експлозивна направа во близина на еден од излезите на местото на случувањето, намерно одбирајќи го времето и местото за да предизвика максимално крвопролевање и да убие и повреди неселективно“, рече Меј.