Села – Нападот во Собранието беше политички атентат врз барањата на Албанците

Зијадин Села

На 27 април во Собранието се случи политички атентат врз потребите на Албанците, не лично врз мене, рече пратеникот Зијадин Села, лидер на Движењето за реформи – ДПА, кое е дел од коалицијата Алијанса за Албанците. Ова е негово прво обраќање во јавноста по насилствата во Собранието, во кои тој беше најповреден и помина неколку дена во болница.

„Со тој атентат до некаде успеаја да нè убијат, но се реинкарниравме и се вративме на политичката сцена. Ќе продолжиме пак со барањата и потребите на Албанците да ги преточиме во политички барања и заедно со сите други политички субјекти ќе продолжиме по овој пат и да се вратиме појаки“, рече Села.

Во преговорите со парламентарното мнозинство за учество во новата влада, Села вели дека за нив се поважни тематските прашања, отколку министерските места. Тој изјави дека уште на почетокот биле за како што вели, ново владеење, не нова власт, кое ќе биде во интерес на граѓаните и кое ќе биде праведно, кое нема да ги дели граѓаните врз етничка и политичка база и ќе ја врати надежта дека може поинаку и подобро.

„Ние ќе бидеме гаранција во тоа владеење дека интересите на Албанците ќе бидат предвидени без разлика дали ќе бидеме физички присутни во таа влада или не“, рече Села.

На прес-конференцијата на која беше присутен и генералниот секретар на партијата Арбен Таравари, тој рече дека е дезинформација информацијата дека ќе биде новиот министер за здравство.