Иранскиот претседател Хасан Рохани е победник на изборите во земјата, по пребројувањето на речиси сите гласови. Тој се избори за втор мандат од четири години на функцијата, победувајќи ги останатите кандидати, изјави министерот за внатрешни работи Абдолреза Рахмани Фазли.
Рохани, според него, освоил 23, 5 милиони од гласовите или 57 проценти. Неговиот главен противник, поранешниот обвинител, Ибрахим Раиси добил 15,8 милиони од гласовите или 38,3 проценти. На изборите имало излезност од 72 проценти, што е слична бројка со претходните избори во 2013 година. Од околу 55 милиони регистрирани гласачи на изборите својот глас го дале околу 41 милион.
Со реизборот на Рохани може да се обноват напорите за зголемување на економските и димпломатските врски со Западот, откако Иран се обидува да ја зголеми вработеноста и развојот на земјата. Иран во 2015 постигна договор со шесте светски сили за редуцирање на нуклеарната програма во замена за олеснување на санкциите врз земјата. Рохани вети поголем ангажман со Западот и поголема слобода за Иранците.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која имаше клучна улога во нуклеарните преговори упати честитки до Рохани. Таа на Твитер напиша дека „ЕУ е подготвена да работи со Иран на целосна имплементација на договорот“.
Рускиот претседател Владимир Путин испратил телеграма со честитки до Рохани во која тој ја потврдува својата подготвеност двете земји да продолжат со заедничките напори за проширување на соработката и на билатерално и на меѓународно ниво.