Нов клинички центар во Скопје ќе изгради новата реформска Влада, постапката на изградба ќе се одвива на транспарентен начин, а ќе има ревизија на работењето на Владата со технички овластувања во заминување, најави денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
„Ќе бидат преиспитани и процедурите преку коишто во последен момент, пред трасферот на власта, Тодоров и соработниците влегоа во договор за изградба на нов Клинички центар што треба да се реализира во иднина“, рече Шилегов.
Тој додаде и дека владата со технички овластувања немала овластувања да потпишува вакви договори на неколку дена пред заминување.
Претходно денеска вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров и претставници на компаниите Гранит, Бетон и италијанската ИНСО системи го потпишаа договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.