Шведското обвинителство соопшти дека ја прекинува седумгодишната истрага за наводно силување која се водеше за основачот на Викиликс Џулијан Асанж. За него се уште има распишано потерница во Британија.
Маријане Ну, директорка на шведското јавно обвинителство, одлучи да ја прекине прелиминарната истрага, беше соопштено денеска кога истекува рокот за обвинителството да ја обнови или тргне европската потерница за Асанж пред судот во Стокхолм.
45-годишниот Асанж од 2012 година живее во амбасадата на Еквадор во Лондон обидувајќи да ја избегне екстрадиција во Шведска. Тој стравува дека може да биде пратен во Шведска од британските власти а потоа би можел да биде екстрадиран во САД каде што е баран поради објавувањето на 500 000 тајни документи на Викиликс.