ДУИ и Беса задоволни од доделувањето на мандатот на Заев

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во пишана изјава го поздрави доделувањето на мандатот за формирање на, како што истакнува, новата реформска влада во согласност со Уставот. Нашата клучна, определена и одлучувачка улога во новото мнозинство, потенцира Ахмети, ќе ја ставиме во служба на реформите во согласност со очекувањата на меѓународната заедница, добрите меѓуетнички односи и Охридскиот договор, како и интеграцијата во НАТО и во Европската унија заедно со отварањето нови работни места.

Движењето БЕСА, пак, смета дека со тоа што претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот на Заев се дава шанса за решавање на кризата во земјата. Тие потенцираат дека остануваат посветени во процесот на решавање на кризата, водејќи разговори за да го преземат својот дел од политичката одговорност.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го даде мандатот за состав на нова влада на Заев. Тој, пак, рече дека за формирање влада ќе разговара со ДУИ, Беса и со Алијансата за Албанците.