Заев - Нова влада пред истекот на рокот од 20 дена

Архивска фотографија: Претседателот на СДСМ, Зорана Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека очекува да ја состави новата влада пред истекот на рокот од 20 дена. Откако претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот, Заев рече дека се надева дека ќе ја формира владата за 10, а можеби и помалку дена. За формирањето влада ќе разговара со ДУИ, Беса и со Алијансата за Албанците.

„Како мандатар и иден премиер се обврзувам дека новата реформска влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме да изградиме правда и правна држава, да обезбедиме услови за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија со меѓусебно разбирање, кон почитување на мултиетничноста во државата и Рамковниот договор. На овој начин само ќе ги отвориме вистинските перспективи на граѓаните и на современа, модерна и евроатлантска Македонија“, рече Заев.

Тој посочи дека денеска, точно две години од големиот опозициски протест во Скопје, го добива мандатот за влада.

„Гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија“, рече Заев.