Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Претседателот Иванов рече дека пречките за доделување мандат се отстранети.
Заев рече дека до претседателот Иванов испорачал изјава во форма на гаранција за унитарноста на земјата.
„Во име на формираното парламентарно мнозинство ја давам следната изјава:
"Прво, гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани, без оглед на етничката религиската и јазичната припадност. Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност во основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на погоре наведените ставови не може да бидат услов нити основ за формирање и дејствување на владата на Република Македонија“, рече Заев.