Сириските бунтовници и владините претставници се состанаа одделно со претставникот на ОН во новата рунда на мировни преговори што се одржуваат во Женева. Ова се шести по ред разговори што се одржуваат со посредство на специјалниот пратеник на ОН, Стефан де Мистура. Досега се одржаа пет рунди на преговори со цел ставање крај на шестгодишниот конфликт во кој загинаа повеќе од 320.000 луѓе, но без конкретни резултати. Преговорите во Женева се во сенка на обвинувањата на Стејт департментот дека сириската влада изградила крематориум во еден од нејзините најозлогласени затвори за да се сокријат десетици егзекуции. Во Женева, сирискиот амбасадорот во ОН Башар Џафари одржа многу кратка средба со де Мистура и замина без да даде изјава за медиумите. Опозициските претставници се очекува да се сретнат со де Мистура подоцна во текот на денот. Вчера Стејт департментот објави дека верува дека околу 50 затвореници се бесени секој ден во воениот затвор во Сирија , кој се наоѓа на околу 45 минути возење северно од главниот град, Дамаск. Сириската влада "категорично" ги негира американските обвинувања за масовни убиства во затворот , вклучувајќи и егзекуции на политички противници, и горење на жртвите во крематориум за да се сокријат доказите.