Утре истекува мандатот на градоначалниците и на советниците во општините, а локални избори не се закажани. Во потрага по решение за овој проблем, утре претставници на парламентарните партии ќе се координираат за локалните избори.
Ако на координацијата политичките претставници се согласат за датум за одржување на локалните избори, може уште во понеделник да се одржи собраниска седница за измени на законите со кои би им се продолжил мандатот на градоначалниците.
Вчера претставници на партиите во Собранието имаа средба во законодавниот дом. На средбата присуствуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од СДСМ, Зекирија Ибраими од БЕСА, Садула Дураку од ДУИ и Луан Треси од ДПА, но не кажаа за што разговарале.
СДСМ и во денешното соопштение повикува претседателот Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот и со тоа да овозможи претседателот на партијата Зоран Заев брзо да ја формира новата Влада и потоа законски да се утврди датумот за локалните избори.
„Блокадата на демократските процеси кулминира со штети врз граѓаните со утрешниот престанок на мандатот на градоначалниците и советите“, се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение обвинуваат дека СДСМ сака да ги пролонгира локалните избори, оти , како што велат, се плаши од пораз.
„Локални избори, велат од партијата, треба да се одржат во најбрз можен рок, а парламентарни избори заедно со локалните“, стои во соопштението.
Од партијата додаваат дека одржувањето на локалните избори, нема никаква врска со формирањето влада и оти СДСМ не треба и не смее да бара изговори за одржување на локалните избори, кои се редовни и неопходни.