Укинат е притворот за бизнисменот Сеад Кочан, потврдува в.д претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев за Макфакс. Тој вели дека вчера преку Апелациониот суд им е доставена одлука со која се укинува притворот за Кочан, по што Кривичниот совет на Основниот суд ги повлекол потерниците распишани за бизнисменот.
Кривичниот суд пред речиси 2 месеци распиша потерница по Кочан, кој откако му беше одреден притвор, замина на „службен пат“.
Бизнисменот Кочан е осомничен во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Компанијата Трансмет, заедно со фирмите Силекс неметали и Вато, се сомничат дека во 2011 година со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ во вредност од над 17 милиони евра.
Пред само два дена Кривичниот суд по барање на СЈО донесе одлука да се замрзне имотот и сметките на фирмата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан.
Пред да се дознае дека Врховниот суд донел одлука за притворот на Кочан, денеска неговиот адвокат Никола Додевски, не сакаше да коментира за одлука за замрзнување на имотот на Кочан.
Тој на прославата на Денот на адвокатурата, запрашан за сметките н Кочан, се заблагодари за честитките за празникот.