Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан денеска во отворено писмо упати критика до опозицијата во Албанија поради одлуката да ги бојкотира изборите во земјата.
„Опозицијата намерно одлучи да не оди на изборите. Јас ја почитувам, но и длабоко жалам поради таквата одлука, од демократски аспект. Албанците бараат и заслужуваат избори кои ќе овозможат широка политичка пoнуда и почитување на изборните стандарди. Сепак, демократскиот процес мора да продолжи, дури и ако некои донеле одлука да не земат учество во него, наведува Хан.
Според него, демократијата и демократските стандарди не треба да се враќаат наназад со бојкотирање на институциите и на изборите. Тој притоа порачува дека очекува изборите да бидат спроведени согласно меѓународните стандарди.