Заев во наредните денови ќе ги достави гаранциите до Иванов

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски изјави денеска дека во наредните денови се очекува лидерот на партијата Зоран Заев да оди кај претседателот Ѓорге Иванов и да ги однесе гаранциите за унитарноста на државата. Најважно, според него, е Иванов да го испочитува Уставот и да го даде мандатот за состав на нова влада. Манчевски истакна дека Македонија има итна потреба од нова влада која веднаш ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.

Блокадата на демократските процеси, како што рече, ќе кулминира за неколку дена, бидејќи на15-ти мај престануваат мандатите на градоначалниците и советите. Тој порача дека е потребен итен, мирен трансфер на власта, со цел Македонија што побрзо да добие функционални институции, да биде продолжен мандатот на локалните власти и да бидат закажани локални избори.