Уставниот суд донесе времена мерка за запирање од извршување на оспорените одредби со кои се забрануваше исплатата на земјоделските субвениции до формирањето на новата влада, до неговото конечно одлучување.
Според одлуката на Уставниот суд, нема законска пречка Министерството за финансии да не ги исплати парите наменети за субвенционирање на земјоделците пред да се формира влада.
Иницијативата до Уставниот суд беше поднесена од земјоделското здржение „Агротиквешија“ со која се бараше оспорување на членот од Изборниот законик, според кој е забранета исплата на субвенции се до формирање нова влада.
Од Судот појаснуваат дека член 8 А, став 1, алинеја 1 од Изборниот законик се однесува дека во изборниот циклус не може да се располага со буџетски средства на РМ и средствата на буџетите на општините и градот Скопје од јавни фондови и средства на јавни претпријатија, а став 2, алинеја 1 од овој член регулира дека во изборниот циклус не може да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати.
Судот смета дека овие одредби, како и членот од Законот за спречување на корупција се нејасни и непрецизни и спротивни на Уставот и владеењето на правото.