Собранието и опремата се осигурани и осигурителна компанија ќе ги покрие трошоците за направената штета во насилствата на 27 април. Стручните служби во Собранието направиле увид во материјалната штета и велат дека во тек е постапката за нејзина проценка.
Во насилствата во Собранието беше оштетена или уништена и опрема на медиумите, како камери, стативи или микрофони. Во осигурителната компанија Винер, каде што е осигурано Собранието, ни одговорија дека засега немаат коментар дали и опремата на медиумите е опфатена во договорот за осигурување на Собранието.
Професор Климе Попоски, кој е и претседател на Советот на експерти во Агенцијата за супервизија на осигурување, вели дека ако опремата на медиумите била осигурана, штетата ќе им ја надомести нивната осигурителна компанија, а доколку не биле, тогаш ќе треба да си бараат надомест на штетата по судски пат од оние кои им ја уништиле опремата.
„Осигурувањето што го има Собранието покрива подвижни и недвижни работи кои се во сопственост на Собранието. Тоа значи дека полисата за осигурување не ги покрива оштетувањата на опремата на медиумските куќи. Медиумските куќи би требало да си имаат обезбедено, купено, осигурување за својата опрема, така што доколку медиумските куќи имаат осигурување, тогаш ќе треба да си поднесат надомест на штета од друштвата за осигурување.“
РСЕ: А доколку не се осигурани?
„Доколку не се осигурани, тогаш претпоставувам по други закони ќе може да си поведат постапка, граѓански спор, за барање надомест на штети директно од причинителот на штетите“, вели Попоски.
Тој посочува дека прво треба да се дефинира обвинителниот акт за да се види дали осигурителната компанија може да побара регрес од оние кои ја причиниле штетата. Од Винер осигурување засега се без коментар дали од обвинетите за насилствата во Собранието ќе побараат надомест за причинетата штета.