Приведени две лица за нападот врз Зијадин Села

Демонстранти во холот на Собранието

МВР соопшти дека К.Ѓ. (39) од Скопје и неговиот татко Ц.Ѓ. (68) утрово се приведени во полициската станица Кисела Вода под сомнение дека го нападнале пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилствата и нередите на 27 април.

Според МВР во домот на К.Ѓ. околу шест часот утрово бил извршен претрес при што се пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои му се одземени. Утврдено е дека во собраниската сала 3, каде што се одржуваше прес-конференцијата, Ц.Ѓ. најпрво фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле Зијадин Села.

Кривична пријава, пак, како што соопшти МВР, ќе биде поднесена против И.К. (37), исто така од Скопје, кој се товари за напад врз претседателот на СДСМ и пратеник Зоран Заев.

МВР соопшти дека И.К. бил повикан на информативен разговор вчера попладне околу 12:30 часот поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“. Во разговорот тој кажал дека откако влегол во салата каде што се одржувала прес-конференцијата, со употреба на физичка сила го нападнал Заев и фрлил стол кон вработени од обезбедувањето.