Уставниот суд донесе одлука да не поведува постапка по двете иницијативи за локалната самоуправа односно мандатот на градоначалниците. На денешната седница на Уставниот суд судијата известител Елена Гошева предложи да не се поведува постапка, бидејќи како што рече Уставниот суд не може да креира нова правна состојба кога тоа не го направил законодавецот.
„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема. Неприфатливо е во законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има уставно овластување и тоа е негово право“, порача таа.
Мандатот на градоначалниците и на советниците во општините истекува на 15 мај.