Заедницата на единици на локалната самоуправа апелира и сугерира Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајде решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети.
Една од можностите, според ЗЕЛС, е измена на Изборниот законик, за да се утврди нов датум за одржување на локалните избори.
Од ЗЕЛС истакнуваат дека со прекинување на мандатот на 15 мај, локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучни надлежности. Велат дека со ова може да се доведе во прашање противпожарната служба, која е општинска надлежност, нема да се издаваат градежни дозволи, нема да се примаат плати, а може да се доведе во прашање и испораката на вода, собирањето на смет, како и склучување бракови, бидејќи официјални сведоци се членови на општинските совети.