Двете најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, преку соопштенија им оддадоа почит на осумтемина полицајци кои загинаа во полициската акција во кумановско Диво Насеље пред точно две години.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека загинатите се херои додека лидерот на СДСМ Зоран Заев и партискиот секретар Оливер Спасовски „засекогаш ќе останат на другата страна, меѓу оние кои му свртеле грб на својот народ“. Во соопштението се посочува дека ден по антитерористичката акција во Куманово, поддржувачи на СДСМ ги напаѓале и навредувале припадниците на безбедносните сили, а сега Заев прифатил реализација на тиранската платформа.
СДСМ, пак, наведува дека новата влада предводена од нив ќе се посвети на целосно расветлување на случајот и неговата позадина.
„Ќе биде побарана и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Никој нема да биде амнестиран од одговорност, доколку се докаже дека на каков било начин бил дел од инцидентот што ја загрози безбедноста на државата“, се вели во нивното соопштение.