Иванов го примил писмото, потврдуваат за РСЕ од неговиот кабинет

Претседателот Ѓорѓе Иванов.

Претседателот Ѓорѓе Иванов го добил писмото од собраниските служби во кое претседателот на Собранието Талат Џафери го информира шефот на државата дека е конституирано парламентарно мнозинство, потврдуваат за Радио Слободна Европа од неговиот кабинет.

„Кабинетот на Претседателот потврдува дека е пристигнато писмо од Собранието на Република Македонија. Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе постапи согласно Уставот на Република Македонија и воспоставената практика“, наведуваат од неговиот кабинет како одоговор на прашањето дали е пристигнато писмото.

Собраниските служби претходно информираа дека го испратиле писмото. И лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со високи претставници на ОБСЕ денеска потврди дека писмото вчера било испратено до претседателот.