Еврокомесарот Јоханес Хан денеска оствари средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Хан, како што соопшти ЕК, силно го осудил намерниот напад на пратениците и новинарите во законодавниот дом. Тој предупредил дека повторувањето на такви дејства сериозно ќе ја загрози европската перспектива на земјата. Хан го поздравил изборот на Џафери и посочил дека ЕУ е подготвена да работи со него со цел да спроведат реформите, вклучително и договорот од Пржино.
„На Парламентот сега мора да му се дозволи да работи непречено. Сите пратеници, вклучително и опозицијата се очекува да одиграат конструктивна улога без опструкции и сите актери мора да се воздржат од провокативни изјави и акции. Парламентот мора да биде форум за дебата за сериозните предизвици со кои се соочува земјата и да ги обезбеди потребните гаранции за напредок, во интерес на сите граѓани и заедници“, е наведено во соопштението.
Воедно Хан повикува фокусот да се стави на наредните чекори во процесот за формирање на нова влада почитувајќи се парламентарното мнозинство и во согласност со Уставот и демократските принципи.