Џафери побара од Иванов да извлече поука по насилството

Талат Џафери, претседател на Собранието на РМ.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери за време на неговата денешна посета во Брисел на која имаше средба со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека имајќи ги предвид обврските кои излегуваат по испраќањето на писмото до претседателот Ѓорѓе Иванов тој е должен да чека максимум 10 дена согласно Уставниот рок за доделување на мандатот и до тогаш не може да свика седница за избор на влада. По истекот на рокот, мандатарот кога ќе го достави предлогот за новиот владин кабинет, според Џафери, тој во рок од 15 дена треба да свика седница.

„Јас сметам дека Иванов ќе рефлектира во однос на обврската во уставниот рок да го даде мандатот. Мислам дека сите извлековме поука од 27 април, особено тие што и дадоа поттик на таквата состојба не би требало да се дојде во ситуација после неколку дена да се повтори и да се направи реприза на она што се случи“, порача Џафери.

За поставувањето на албанското знаме во неговиот кабинет рече дека ги разбира сите реакции. Но, по настаните од 27 април, како што рече треба сите да разберат дека ни знамето ни политичките програми на албанскиот партии не влијаат врз политичкиот живот во Македонија бидејќи тие се во согласност со Уставот и законите и со нив ништо не се загрозува.

„Фактот дека и припаѓам на албанскиот народ, како дел пропишан во Уставот на Република Македонија, сум го направил тоа како лично чуство во смисла на припадноста на граѓанинот Џафери во однос на функцијата која ја презема, без да ја загрозам надлежноста“, рече тој.

.