„Талат Џафери влезе во претседателскиот кабинет“ – информира он-лајн изданието на Утрински, потсетувајќи дека по забранувањето на пристапот до Кабинетот од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот претседател Груевски, овој потег во јавноста се толкува како повлекување на партијата. „Џафери во претседателскиот кабинет го пречека Жбогар“ – наслови Нова Македонија. Вечер и Дневник со коментари во насловите: „Џафери седна на новото работно место и веднаш почна со реализација на ветеното –после албанската химна и албанското знаме во Собранието“.
Дневник, пак, кратко: „Диво избран, мирно вселен“.
Слободен печат напиша: „Извршено примопредавање помеѓу Талат Џафери и Трајко Вељаноски: Примање - давање“.
Нова Македонија објави дека „Парламентарното мнозинство испрати допис до Службен весник. Во дописот се бара одлуката за избор на Џафери за претседател на Собранието да биде објавена“. Истиот весник ги објавува изјавата на Заев на седницата на ЦО на Партијата дека наскоро очекува почеток на преговори за формирање Влада и соопштението на СДСМ: „Иванов ќе добие писмо од Талат Џафери да постапи според уставните обврски и да го даде мандатот за формирање влада“. Утрински го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „Целиот театар на СДС и СЈО е за да се оцрни партијата“.
Он-лајн изданието на Утрински објавува и информација за изјавата на министерот Нухиу дека од Владата побарал Митко Чавков да биде разрешен од Бирото за јавна безбедност и дека „дел од структурите на МВР предизвикаа многу штета на нашата држава и на демократските вредности по она што се случи минатиот четврток“. Вечер не ја објавува оваа информација, туку изјавата на Чавков кој вината ја префрла на Нухиу: „Има сомненија дека министерот Нухиу имал информации и проценки дека постојат ризици, но криел од полицијата“.
И, уште нестивната бурата околу случувањата во Собранието и изборот на новиот претседател, уште една бура во најава: провладините Дневник и Вечер со контра реакции на двете одделни интервјуа на Зоран Заев за српската телевизија „Курир“ и за бугарската државна телевизија во кои изјави дека и српскиот и бугарскиот народ се пријателски народи на македонскиот и му се блиски. Дневник го објавува мислењето на историчарот Новица Велјановски: „Македонците се ист народ со Србите и со Бугарите? Смешно и апсурдно!“ Вечер: „Заев предизвика меѓудржавен инцидент со Србија – потпретседателот на српската Влада, Ивица Дачиќ изјави дека пријателите на Србија не се однесуваат како Заев, реагирајќи на неговата изјава дека во Србија е на власт ’националистичко раководство‘“.
Актуелната техничка влада, инаку не престанува со нови задолжувања. Утрински информира:
„Со аукција на државни обврзници ново задолжување од 49,4 милиони евра. Предвидени се уште две аукции и вкупното задолжување за овој месец ќе изнесува околу 70 милиони евра“,
информира електронското издание на весникот, кој, познато е веќе, престана да излегува во печатено издание.