Демократски ориентирани иселеници организирани преку групата „Протестирам“ соопшти дека очекува Република Македонија да остане на патот на демократските промени, што ќе резултира со формирање нова влада по мирен пат согласно мнозинската волја на граѓаните изразена на изборите на 11 декември 2016 година.
Со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието се отвора пат за формирање влада и изнаоѓање решенија за почеток на разрешувањето на долготрајната политичка и институционална криза во Македонија.
Се надеваме дека партиите од парламентарното малцинство ќе покажат висока свест за моментот во кој се наоѓа државата и ќе овозможат мирен трансфер на власта.
Демократски ориентирана иселеничка заедница од Македонија, како што се наведува во соопштението, со загриженост го следи развојот на настаните во Република Македонија по насилниот и оркестриран упад во Собранието и загрозувањето на безбедноста и животите на пратеницитe што се случи на 27 април 2017 година и најостро го осудува нападот врз парламентарниот дом, народните избраници и присутните новинари.
Се надеваме дека Македонија ќе излезе посилна од оваа тешка криза и ќе има можност да се фокусира на она што е од исклучителна важност – создавање на подобри услови за живот на сите македонски граѓани, враќање на патот на демократските реформи и целосна интеграција на Македонија во евро-атланските структури и организации.
Посебно го поздравуваме ангажирањето на меѓународната заедница, особено официјалните претставници на САД, Европската Унија, меѓународните организации и сите пријателски земји во нивните напори за помош на нашата татковина.
Остануваме посветени да работиме заедно со сите демократски настроени сограѓани во и надвор од Македонија, за постигнување на овие стратегиски цели, за да ја видиме Македонија во друштвото на мирољубовиот, напреден и демократски свет, се наведува во соопштението.