Милошоски со фото од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во кабинетот на собранискиот спикер

Пратеникот Антонио Милошоски денеска на Фејсбук објави фотографија како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ седи во кабинетот на претседателот на Собранието. Тој пишува дека секој пратеник има мандат и должност да го почитува и штити Деловникот на Собранието, Законите и Уставот на Република Македонија.

„Против пратениците Мухиќ и Мисовски, кои превземаа неделовнички дејствија и предизвикаа политичко насилство, ќе поднесеме кривични пријави до надлежните институции“, пишува Милошоски.

Дел од медиумите објавија дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со жив штит не му дозволуваат на новиот претседател на Парламентот Талат Џафери да влезе во кабинетот, но пратеникот Артан Груби од ДУИ рече дека не е точно.

Истото го потврдија и дел од пратениците на СДСМ, како и вработени во собраниските служби. Новинарите немаат пристап до тој дел од Собранието каде што е кабинетот на собранискиот спикер.