Пратеникот Артан Груби од ДУИ денеска изјави дека не се точни информациите што ги објавија дел од медиумите дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со жив штит не му дозволуваат на новиот собраниски спикер Талат Џафери да влезе во својот кабинет. Неколку пратеници од СДСМ кои се во Парламентот, но и вработени во собраниските служби исто така велат дека информациите за блокада на кабинетот на претседателот на Собранието не се точни.
Во Собранието има пратеници и од владејачкото мнозинство и од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби изјави дека пратениците на парламентарното мнозинство, заедно со претседателот Талат Џафери, ги вршат своите административни работни обврски.
„За да се врати во функција Собранието, господин Џафери, во нормална работна атмосфера, ги даде потребните административни насоки“, вели Груби.
Дел од медиумите претходно објавија дека дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ стојат пред вратата на кабинетот и со жив штит се обидуваат да спречат, според нив, нелегално избраниот претседател на Собранието да влезе во кабинетот наменет за спикерот. Кабинетот е во делот од Собранието каде што новинарските екипи немаат пристап.