ВМРО-ДПМНЕ ги повика институциите да не приведуваат, како што се вели, недолжни луѓе, брзајќи да покажат некаков резултат од настаните во четвртокот. Во партиското соопштение, ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во текот на вчерашниот ден до нив стигнале информации дека се приведени многу лица кои не сториле никакво насилство или кривично дело, а биле држени во полицијата повеќе часови. Дел од нив, како што наведува ВМРО-ДПМНЕ, добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле кривично дело или насилство. ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се разграничи неколкучасовното влегување на граѓани во Парламентот поради револт и гнев, од нанесувањето тешки телесни повреди. Според информации на партијата, некои лица добиле притвор заради вербални закани, без извршено физичко насилство. ВМРО-ДПМНЕ вели дека предизвикувач на, како што велат, народниот бунт, бил СДСМ.
Во прес-конференцијата што партискиот лидер Никола Груевски ја одржа рано утрината по насилствата во Собранието, ги повика институциите „да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на полицајците“.