Во Грција со голема загриженост за безбедносни, дипломатски и економски последици се следат случувањата по насилните инциденти во македонскиот Парламент.
Според грчкиот неделник „Реал“, грчкот премиер Алексис Ципрас за ситуацијата во Македонија и на Балканот детално разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел, за време на средбата на маргините на Самитот на Европската Унија за Брегзит, и со согласност на Меркел било договорено Грција да преземе конкретни иницијативи за да се помогне за стабилизирање на регионот.
Грчкиот премиер за време на состаноците на Самитот на ЕУ, изразил голема загриженост за ситуацијата во Македонија и забележал дека Грција е главниот столб на стабилноста и главната оска преку која би се одвивала секаква европска интервенција за стабилизирање на регионот.
Според анализите во Грција, грчките дипломати се подготвуваат за потенцијален нов бран притисоци за побрзо решавање на спорот за името.
Неделникот „Реал“ пренесува проценки на грчки дипломати дека меѓународната заедница може да и прогледа на Македонија низ прсти за одредени критериуми и да го забрза приемот на државата во ЕУ, со цел да помогне да се избегнат нови судири и дестабилизација.
Новинарот на весникот „Вима“, Агелос Атанасопулос, кој долго време го следи грчко - македонскиот спор, во анализа за информативниот портал „Протагон.гр“, пишува дека нестабилноста на Македонија може да доведе до зголемен притисок за прием на Македонија во НАТО.
„Јасно е дека Атина сака БЈРМ да биде стабилна. Тоа е единствен начин во одреден момент да може да се реши името, кое е најважниот отворен спор за Грција на Балканот. Нестабилноста може да ги донесе во прв план апелот и притисоците за прием на БЈРМ во НАТО како начин да се смири ситуацијата. Ова би предизвикало главоболка за Атина доколку спорот за името не е решен“, се вели во анализата.
Според Атанасопулос, стабилноста на Македонија е важна и поради големата и активна економска соработка меѓу двете страни, како и за спроведување на договорените мерки за градење на доверба.
Во анализата се посочува дека Грција од стратегиска гледна точка треба добро да ги процени големите последници за безбедноста и стабилноста на целиот регион доколку дојде до граѓански конфликт во Македонија, како и фактот дека ваков развој на настаните може да ја зголеми силата на албанскиот фактор, нешто за кое Грција е дополнително на штрек.
Подготви Миркица Поповиќ