Договорот претставува своевидна пресвртница во разговорите меѓу двете страни кои почнаа во минатиот октомври.
Главниот спор беше меѓу Европската унија и ММФ околу фискалните цели на Грција.
Како дел од реформите Атина вети намалување на пензиите, како и на даночните олеснувања со цел да се заштеди уште два процента од бруто домашниот производ.
Ова, како и предвидените реформи во грчкиот енергтески сектор може да доведе до натамошно работничко незадоволство во земјата која веќе една деценија се соочува со мерки на штедење со цел да излезе од должничката криза.
Тоа беше и поводот на вчерашните Првомајски протести во Атина на кои се собраа десетици илјади луѓе.
Тие побараа од владата да не ги продолжува реформите што ги бараат Европската унија и ММФ.
Според демонстрантите, натамошните мерки за штедење ќе претставуваат голем удар за грчкото општество. Танасис Кацабис, 32 годишен адвокат вели:
„Грчката влада како и сите претходни, спроведува мерки кои имаат една цел, здробување на работниците, на работничката класа и на сите што работат. Се бориме за опстанок на најсиромашните на кои најмногу им треба помош“.
Генералниот секретар на пензиоонерската организација во Грција Манолис Ралакис пак додава:
„Ние сме против сите политички партии кои велат дека сакаат да биде склучена оваа таканаречена финансиска помош. Оваа проверка служи за уништување на луѓето и на пензионерите“.
Левичарската влада која беше избрана пред две години со мандат да му стави крај на штедењето, бележи пад на анкетите. Таа е сега на второто место зад конзервативната партија Нова демократија.
Грчките синдикати планираат на 17 мај да одржат 24 часовен штрајк против мерките за штедење.