Македонија се наоѓа во длабока политичка криза подолг период и многу работи претходеа на ваквата ситуација, а сето ова резултираше со влез на народ во Собранието, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата на лидерот Никола Груевски со заменик помошник државен секртаре на САД Хојт Брајан Ји. Во продолжение е наведено дека Груевски на Ји му соопштил оти ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство кое, како што пишува во соопштението, го направи СДСМ врз институциите, деловникот, законите и уставот.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на ставот дека е направен нелегален обид за избор на претседател на Собранието надвор од сите процедури, на веќе официјално завршена седница.
За ВМРО-ДПМНЕ, како што стои, ваквиот преседан отвора лоша можност за во иднина, на незаконски начин да се повтори ваквата процедура и да стане пракса, што би претставувало суспендирање на правниот систем на државата.
На средбата со Ји било посочено дека за нив најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори.