Работничките права на маргините

Илустрација Рудар

Темите за правата на работниците се малку застапени во медиумите, покажува мониторингот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Меѓународниот ден на трудот некои синдикати ќе го поминат работно, а други протестираат.

Синдикалните права и правата од работен однос во медиумите се застапени на ниво на статистичка грешка, од само 3,5 проценти – ова се резултатите од мониторингот на известувањето на медиумите во период од три месеци спроведен од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Медиумите речиси не известуваат за овие прашања, а кога ваквите теми се отвораат, тоа најчесто се прави површно без да се навлегува во анализа. Резултатите од мониторингот покажуваат дека од анализирани 100 новинарски производи во национални телевизии, неделници и дневни весници, 46 проценти од нив се однесуваат на правото на плата, 16 отсто за безбедноста при работа, 13 отсто третирале дискриминација и услови за работа, а мобингот, годишниот одмор и отказите се јавуваат во по три проценти од новинарските текстови.

„Од 2.800 идентификувани новинарски прозиводи, односно ТВ прилог или текст во весник, само 100 текста се на синдикални теми, нешто околу три проценти што е навистина малку. Покрај тоа што се малку на број, кога има синдикални теми тие се многу ретко на насловните страници или на форшпанот на вестите. Од тие 100 новинарски производи што биле идентификувани, само 17 се на насловната страница или во најавата на вестите“, истакна новинарот Владо Апостолов член на ССНМ.

Прес-конференција на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници

Некои од синдикатите велат дека Меѓународниот ден на трудот ќе го поминат работно, но некои протестираат во центарот на Скопје. Меѓу нив и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски ртаботници, заедно со уште неколку други синдикати и движења за работнички права.

Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис потенцираше оти се додека се игнорира проблемот на правата за пристојна плата и пристојни услови за работа ќе се случува луѓето да бидат изложувани на притисоци, на партизирање и манупулирање, бидејќи како што вели, преку економско-социјалниот статус тие се изложени под закани. Таа истакна дека синдикалните права и правата од работен однос не смеат да бидат на маргините на јавниот дискурс во Македонија.

„Ние веќе имаме сериозни фирми, и медиуми исто така, каде што синдикалното здружување, кое е во кошничката на основни човекови права, е забрането формално или неформално. Во секој случај самото членување во синдикат е веќе третирано како израз на нелојалност кон менаџментот, како можност да бидат казнувани вработените“, вели Чаусидис.

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права во првомајскиот проглас наведоа дека нема демократија без социјална правда. Тие ги повикаа работниците од целата земја да излезат на протест на Меѓународниот ден на трудот.

„На 1 Мај огласуваме нова етапа во нашата синдикална борба, во која здружено мораме да се фатиме во костец со угнетувањето кое ни иде од различни страни“, наведуваат потписниците на Повелбата.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најавија дека 1 мај ќе го поминат работно со продолжување на разговорите за зголемување на минималната плата во земјата, но и оти ќе ја продолжат борбата за поттикнување на мерките за вработување.