По последните случувања во Собранието на Македонија, агендата на претседателот Ѓорге Иванов е променета, тој ги одложи планираните патувања, па сега ќе има време за средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, соопштија од кабинетот на претседателот.
Претходно по најавата за посетата на заменик помошникот државен секретар, од кабинетот на Иванов информираа дека неговата агенда за 1 мај веќе е преполна и дека нема да има можност за средба со претставникот на Стејт департментот.
Американската амбасада во Скопје денеска соопшти дека заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија утре ќе допатува во Македонија. Според неговата агенда, предвидено е заменик помошникот државен секретар Ји утре и наредниот ден да одржи средби со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерите на политичките партии
Во соопштението се наведува дека на состаноците ќе се разговара за статусот на формирање на влада, и реформите потребни за евро-атланските интеграции.